Владата на денешната седница го направи првиот чекор кон пополнување на испразнетите места во дипломатската мрежа, давајќи зелено светло за девет нови амбасадори. Со ова и официјално започнува процедурата за нивно назначување, која сега се сели во Собранието и Кабинетот на Претседателот.
Муртезани во Брисел, Мангова во Лондон
Меѓу најзвучните имиња на листата е поранешниот министер за европски прашања, Орхан Муртезани, кој е предложен за нов македонски амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел.
За една од најпрестижните дипломатски дестинации, Лондон, предложена е Илина Мангова. Таа доаѓа од невладиниот сектор и има богата кариера во раководството на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Комплетната листа на предлози
Покрај Муртезани и Мангова, владиниот филтер го поминаа и следните кандидати:
- Хаг: Линда Салиеска Иљазоска.
- Софија (Бугарија): Крум Ефремов.
- Букурешт (Романија): Габриел Атанасов.
- Тирана (Албанија): Веле Трпевски.
- Токио (Јапонија): Андријана Цветковиќ.
- Киев (Украина): Димитар Блажевски.
- Копенхаген (Данска): Фадиљ Зендели.
Следен чекор: Собрание и Претседател
Согласно законската процедура, кандидатите сега треба да ги претстават своите тези и планови пред Комисијата за надворешна политика во Собранието. Последен чекор е указот од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која официјално ги испраќа во мисија.
Дополнително, Владата именувала и две лица за позициите во конзулатите во Мелбурн и Солун.
