Македонија

Директорката на „Водовод“ Гостивар тврди: Заболените не се од водата, туку од храната и жештините

Директорката на „Водовод“ Гостивар тврди: Заболените не се од водата, туку од храната и жештините

Додека надлежните институции воведоа забрана за користење на водата за пиење во Гостивар поради сомневање за загадување, директорката на ЈП „Водовод“ Артана Асани тврди дека водоснабдителниот систем не е причина за зголемениот број заболени граѓани. Како што пренесува Телма, таа ги отфрла наводите дека водата е извор на епидемијата која деновиве го зафати градот.

Според Асани, меѓу заболените има и лица кои користеле исклучиво флаширана вода, поради што смета дека причините за здравствените проблеми треба да се бараат на друго место.

„Меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“, изјавила директорката, додавајќи дека според неа, можно е симптомите кај повеќе од 1.200 граѓани да се резултат на консумирана храна или на високите летни температури, пренесува Телма.

Нејзините тврдења, сепак, се разликуваат од информациите што ги објавија Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за внатрешни работи.

Агенцијата за храна и ветеринарство претходно донесе времена забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем, поради основано сомнение дека таа е загадена и небезбедна за употреба. При вонреден инспекциски надзор било утврдено дека на главниот цевковод, без одобрение, била поставена пумпа која директно вбризгувала вода од реката Вардар во водоснабдителниот систем.

И од СВР Тетово соопштија дека постојат основи на сомнение дека биле поставени пумпи преку кои вода се вбризгувала директно во главниот цевковод што го снабдува градот, поради што е отворена истрага во која се вклучени и Обвинителството и повеќе институции.

Во меѓувреме, од Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар информираа дека во изминатите три до четири дена околу 1.200 пациенти побарале лекарска помош со симптоми како дијареја, повраќање, болки во стомакот, покачена температура и омалаксаност. Од болницата посочуваат дека епидемијата се шири, но дека причината за појавата сè уште се утврдува. Според информациите, најголем број од пациентите биле прегледани на Инфективното, Детското и Ургентното одделение, каде поради напливот на пациенти бил засилен и медицинскиот персонал.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни