ДКСК: Не е утврден судир на интереси кај Томовски, но проверките продолжуваат

Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека во текот на постапката поврзана со директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, не е утврден судир на интереси во врска со компанијата Сити аутсорсинг.

Одлуката следи по обвинувањата дека фирмата има деловна поврзаност со Томовски, но врз основа на прибраната документација, Комисијата заклучи дека во конкретниот случај не постои судир на интереси.

Сепак, антикорупциската комисија наведува дека постојат индикации за релации меѓу директорот и актуелниот управител на компанијата, па ќе се испитува дали постојат финансиски трансакции меѓу фирмата и службеното лице.

Случајот стана медиумски актуелен по обвинувањата од опозицијата дека Сити аутсорсинг добила значителен број јавни набавки поврзани со семејството на Томовски. Како што истакнаа и Томовски и компанијата, тие ги негираат овие тврдења за деловна поврзаност.

Комисијата најави дека ќе продолжи со проверки за евентуални дополнителни неправилности и ќе ги разгледува сите елементи што би укажувале на поврзаност помеѓу јавниот функционер и приватната компанија.