Македонија е „црна дупка“ во железничкиот сообраќај во Европа. Додека поголемиот дел од европските држави со години ги користат супер брзите возови, Македонија допрва гради железничка инфраструктура. Ќе треба да чекаме уште 6 години, односно до 2025 година, за железничкиот коридор 8, да ја поврзе Македонија со Албанија на запад и Бугарија на исток.
Првата фаза од пругата е веќе готова. За втората фаза долга 34 километри од Бељаковце до Крива Паланка, пари во висина од 68 милиони евра ги обезбеди Европската банка за обнова и развој, но допрва треба да се најде изведувач на проектот.
„Кога овој проект ќе биде готов, граѓаните на Скопје и Софија ќе можат да патуваат со воз. Важно е што ќе се забрза и транспортот на производи, ќе биде полесен и ќе биде поевтино. На овој начин сите оние држави што се дел од коридорот 8 ќе се поврзат, без разлика дали се членки на ЕУ или не“, рече Самуел Жбогар – Амбасадор на ЕУ.
Министерот за финансии, се осврна на придобивките од неповратниот грант.
„Со влегување на овие средства за делницата Бељаковце – Крива Паланка имаме повеќе придобивки. Ќе се намали каматниот трошок, со склучувањето на договорот за грант ќе се овозможи намалување заемот од Европската Банка за обнова и развој за втора фаза од 145 милиони евра. Се остава повеќе фискален простор за да се управува со јавниот долг“, рече Драган Тевдовски – Министер за финансии.
Третата фаза и последна од пругата што ќе биде долга 23 километри, од Крива Паланка до Бугарија, се очекува да почне да се гради дури за четири години.
РЕПОРТЕР: ДАНЧЕ АЗМАНОВА
