Недоволниот број паркинг-места во новоизградените станбени објекти е еден од сериозните проблеми со кои се соочува Општина Центар. Градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ посочи дека одредени градежни решенија од минатото довеле до ситуации во кои станбени згради со дваесетина станови располагаат со само седум паркинг-места.
Според него, ваквата практика директно влијае врз секојдневието на граѓаните и дополнително го оптоварува паркирањето на јавните улици.
„Во минатото се прикажувале паркинг-решенија кои потоа не биле реализирани. Така денес имаме згради со по 20 стана и седум паркинг-места, што ни создава дополнителни проблеми со паркирањето“, изјави Герасимовски.
Тој нагласи дека општината работи на подобрување на правилата и условите при издавање одобренија за градба, со цел во иднина да се обезбеди реален и доволен број паркинг-места за новите станбени објекти.
Герасимовски се осврна и на злоупотребите при утврдувањето на висината на објектите, особено на падините на Водно.
Како што објасни, во минатото одредени инвеститори ја користеле конфигурацијата на теренот за изградба на дополнителни катови, поради начинот на кој се пресметувала висината на градбите.
„Ги отстранивме тие можности, каде што се земаше средината на теренот, па на горната улица се добиваа дополнителни три-четири ката. Тоа се случуваше во минатото на падините на Водно“, посочи градоначалникот.
Според него, целта на новите правила е да се спречат ваквите практики и да се воспостави поголема контрола врз урбанистичкиот развој.
Герасимовски нагласи дека изградбата не може целосно да запре, но мора да се одвива според јасни правила, со почитување на законите и интересите на граѓаните.