До крајот на неделата се очекуваат 600.000 дози на вакцини

Сто илјади дози на вакцини на „Фајзер“ преку Ковакс механизмот се очекува да пристигнат денеска во државава. Вакцините ќе се складираат во поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина. Откако Агенцијата за лекови ќе издаде дозвола за пуштање на сериите во промет, тие ќе се дистрибуираат низ државата од почетокот на следната недела, најави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека задутре во 14 и во 16 часот на аеродромот во Скопје ќе пристигнат и 500.000 дози од вакцините на „Синовак“.

Тој смета дека засега нема голем ризик од нов бран на пандемијата со ковид-19, но предупредува на внимателност и најавува забрзано темпо на вакцинација. Во тој процес, како што посочи, приоритет ќе имаат наставниците за да може да почнат со работа во училиштата од наесен, за што веќе се финализираат протоколите.

– Проценките и анализите што ги правиме за состојбата во околните земји, засега не укажуваат на некој голем ризик од нов бран во скоро време, но тоа не значи дека не треба да бидеме внимателни и будно да ја следиме состојбата. Има случаи на заразени граѓани дури и вакцинирани во некои земји со индискиот сој, а тоа што е добро е дека во огромен процент над 97, 98 проценти, тие случаи не бараат хоспитализација, што значи дека клиничката слика е послаба. Затоа сега следи навистина едно навистина забрзано темпо на вакцинација ширум државата во сите пунктови, додаде Филипче.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, регистрирани беа 10 нови случаи на ковид-19 од направени 2.302 тестирања, тројца починати пациенти и 17 оздравени. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.655, бројот на оздравени пациенти е 149.933, на починати е 5.481, а на активни случаи изнесува 241 од кои 89 во Скопје.

Вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Од Министерството за здравство информираа дека на вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 285.957 граѓани. Вкупно се аплицирани 494.909 дози вакцини, а ревакцинирани се 208.592 граѓани.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното