Во живо Отворено студио Избори Србија 2026 Гледај
Балкан

Додик сепак им честиташе на оние што претходно ги викаше „смрадови“: Да продолжиме заедно напред, гласот на народот е глас Божји

Додик сепак им честиташе на оние што претходно ги викаше „смрадови“: Да продолжиме заедно напред, гласот на народот е глас Божји

Милорад Додик ѝ ја честиташе победата на Студентската листа на вонредните парламентарни избори во Србија, иако во изминатите месеци беше еден од нејзините најгласни критичари и отворено го поддржуваше Александар Вучиќ.

„Ѝ честитам на Студентската листа за победата. Граѓаните на Србија и сите политички актери уште еднаш го покажаа демократскиот карактер на еден од најстарите државотворни народи во Европа“, напиша Додик на социјалната мрежа Икс.

Во објавата, Додик упати посебна благодарност до Александар Вучиќ за досегашната соработка и поддршката што ја давал на Република Српска.

„Тоа не беше само политичка поддршка, туку разбирање на ист народ, иста судбина и ист интерес“, порача Додик, нагласувајќи дека односите меѓу Србија и Република Српска ќе останат блиски и по промената на политичките односи во Белград.

Сепак, неговата порака претставува значителна промена во реториката во споредба со изјавите дадени само неколку дена пред изборите.

Тогаш Додик тврдеше дека евентуалното доаѓање на студентите на власт би претставувало сериозна закана за Република Српска.

„Србија не е толку луда да им ги предаде клучевите на луѓе кои мразат половина од својот народ. Но, ако дојдат на власт, Република Српска ќе биде нивната прва цел“, изјавуваше Додик пред изборите.

Тој претходно ги обвинуваше политичките противници на Вучиќ дека дејствуваат под влијание на странски структури, а студентското движење го поврзуваше со наводни обиди за дестабилизација на Србија.

Сега, по објавената победа на Студентската листа, Додик испрати поинаква порака, нагласувајќи дека волјата на граѓаните мора да се почитува.

„Република Српска и Србија продолжуваат заедно, во најблиски и најдобри односи, со соработка и поддршка за сите регионални и меѓународни прашања“, напиша тој.

Објавата ја заврши со зборовите:

„Гласот на народот е глас Божји. Граѓаните на Република Српска и Србија го кажаа своето. Продолжуваме понатаму – заедно.“

Со ова, Додик, кој во текот на целата кампања застануваше зад Вучиќ и остро го критикуваше студентското движење, сега јавно ја поздрави победата на неговите политички противници.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни