Од затворот во Шутка до Апелациониот суд. Ова е рутата која последниот период е честа за Бојан Јовановски. Повторно денеска со лисици на рацете, за да изврши увид во доказите кои Рускоска ги има против него во случајот „Рекет“.
Се задржа повеќе од 3 часа, разгледувале аудио, видео снимки како и искази на повикани сведоци. Меѓу сите нив не бил исказот на Зоки Кичеец.
„Јас колку што знам, господинот се брани со молчење и да го видам исказот ако е вистина дека така се брани ниту мене тоа ќе ми помогне ниту ми штети. Но, ме зачуди тоа, зошто не можам да го видам тој исказ.“, рече адвокатот на Боки 13, Сашо Дуковски.
Второосомничениот во „Рекет“, Зоран Милевски – Кичеец кој од вчера е во куќен притвор досега три пати во обвинителството давал исказ по негово барање.
Во доказите кои ги разлегувале, немало сведочења на политичари.
ТВ21: Дали во доказите има сведочење на политичари во врска со „Рекет“?
Сашо Дуковски: „Јас не видов таков исказ.“
ТВ21: Од ниту еден политичар?
Сашо Дуковски: „Од ниту еден политичар“.
Објавените снимки од италијанскиот весник „Ла верита“ биле во голем дел од доказите.
“По моја оценка беше неопходно денеска Бојан да биде присутен. Само во корелација и консултација со него, ќе одлучиме дополнително дали во иднина тој ќе биде присутен при разлегувањето на доказите. Не значи дека има обемен доказен материјал како во квалитет, така и по квантитет, иако се задрживме три ипол часа“, изјави Дуковски.
Утре во одделението за гонење на организиран криминал и корупција сама увид во доказите ќе врши поранешната јавна обвинителка Катица Јанева која е третоосомничена во случајот „Рекет“.