Македонија влегува во период на нестабилно и постудено време. Под влијание на циклонска активност, од утре до вторник се очекуваат повремени врнежи од дожд, кои на одредени места ќе бидат пообилни, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Најинтензивни врнежи се најавуваат во недела и во понеделник кон крајот на денот, како и во текот на ноќта кон вторник. На повеќе места се очекуваат над 25 литри дожд на квадратен метар за 24 часа, додека локално во текот на периодот количината може да надмине и 60 литри.
Температурите ќе бидат во опаѓање, а ќе дува слаб до умерен северен и североисточен ветер, кој повремено ќе засилува долж Повардарието.
Од среда се очекува стабилизирање на временските услови, но студеното време ќе продолжи и во наредните денови.