Мексиканската армија го уапси еден од најбараните наркобосови во светот, Фаусто Исидро Меса Флорес, познат како „Ел Чапо Исидро“, во голема воена операција во сојузната држава Синалоа. Апсењето предизвика жестоки вооружени судири меѓу безбедносните сили и припадници на криминални групи, а пукотниците предизвикаа паника меѓу граѓаните, вклучително и навивачите на бејзбол-натпревар.
Меса Флорес, кој се наоѓаше на листата на десетте најбарани бегалци на американското Федерално истражно биро (ФБИ), бил приведен во петокот вечерта во градот Гвасаве, во операција спроведена со поддршка на американските власти.
Според мексиканското Министерство за одбрана, во акцијата учествувале елитни воени единици, кои користеле тактики на прикриено и ненадејно дејствување за да стигнат до осомничениот. По апсењето, тој бил префрлен во Мексико Сити.
Заедно со него биле приведени уште двајца осомничени припадници на криминалната организација, меѓу кои и неговиот заменик, познат под прекарот „Серафин“, како и лице осомничено дека било задолжено за финансиските операции на групата.
Пукотници, запалени возила и блокирани улици
Апсењето предизвикало насилни реакции од вооружени припадници на криминалните групи, кои отвориле оган кон мексиканските безбедносни сили.
Според Министерството за одбрана, војниците биле нападнати со огнено оружје и експлозивни средства, додека вооружени лица поставиле барикади на повеќе патишта во околината.
На социјалните мрежи се појавија драматични снимки од Гвасаве, на кои се гледаат запалени автомобили, блокирани сообраќајници и воени хеликоптери кои кружат над градот и отвораат оган кон цели на земјата.
Паника на бејзбол-стадион, навивачите бегале од трибините
Особено драматични сцени биле забележани на бејзбол-стадионот „Курода парк“, каде што во моментот на вооружените судири се одржувал натпревар меѓу екипите Венадос де Масатлан и Алгодонерос де Гвасаве.
Додека во близина одекнувале рафали, навивачите панично ги напуштале трибините, а дел од нив прескокнувале огради во обид да се засолнат.
На снимките се слушаат повици граѓаните да легнат на земја и да се заштитат од можните истрели.
Натпреварот бил прекинат, а телевизискиот пренос прикажал како играчите го напуштаат теренот.
„Натпреварот се прекинува, нешто се случува надвор од теренот“, соопштиле коментаторите, додека во позадина се слушале пукотници.
Граѓаните барале засолниште, властите повикале никој да не излегува од дома
Жителите на Гвасаве сведочеле за вооружени групи кои се движеле низ улиците, пукање во населени места и палење деловни објекти.
Еден граѓанин за Си-Ен-Ен изјавил дека морал да побара засолниште во продавница која предвреме ги спуштила заштитните ролетни, додека вооружени лица се движеле низ градот.
Според неговото сведоштво, во близина поминала колона тешко вооружени лица кои пукале, а дел од граѓаните останале заробени во затворени објекти.
Властите на Синалоа ги повикале жителите да останат во своите домови и да избегнуваат движење по патиштата додека трае безбедносната операција.
Кој е „Ел Чапо Исидро“?
Фаусто Исидро Меса Флорес е осомничен водач на криминалната организација „Лос Масатлекос“, која дејствува во мексиканската држава Синалоа.
Американските власти го барале поради сомневања за организирање транспорт и дистрибуција на големи количества хероин, метамфетамин, кокаин, фентанил и марихуана во Соединетите Американски Држави.
ФБИ имало распишано награда од пет милиони долари за информации што би довеле до негово апсење.
Против него претходно биле поднесени обвиненија за трговија со дрога и прекршување на законите за поседување огнено оружје.
Неговата криминална организација со години била во конфликт со ривалскиот картел Синалоа, кој своевремено го предводел озлогласениот наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гусман, кој сега издржува затворска казна во САД.
Апсењето на Меса Флорес претставува значајна операција на мексиканските безбедносни сили во борбата против организираниот криминал, но насилството што следувало повторно ја покажа опасноста од вооружените картелски групи во земјата.
Надлежните продолжуваат со операциите за воспоставување ред и безбедност во погодените подрачја, додека дополнително се утврдуваат последиците од вооружените судири.