Состојбата со пожарите во Тетовскиот Регион е критична, а противпожарните екипи дневно справуваат во просек со 11, а во одделни денови и до 17 пожари на отворено. Ова денеска го соопшти командирот на ТППЕ Тетово, Авни Амети, за време на новинарскиот брифинг во Општина Тетово.
Од 1 јануари до 5 август 2026 година, тетовските пожарникари бележат вкупно 628 интервенции, кои опфаќаат пожари, сообраќајни несреќи и технички асистенции. Амети предупреди дека бранот високи температури носи висок ризик за нови избувнувања и во наредните десет дена.
„Најкритична е состојбата во Општина Теарце, каде што дополнително ни помага новоотворената противпожарна станица за побрза реакција. За жал, причините за голем дел од пожарите се намерни палења. Полицијата е на терен и веќе има фатено 2 до 3 лица на лице место додека палат огнови“, истакна Амети.
Како пример за неодговорно однесување, Амети го посочи случајот од 3 август во Брвеница, каде што по палење отпад во приватен двор, огнот се проширил на соседна земјоделска парцела од 2.400 квадратни метри и зафатил дел од соседните објекти. Покрај матичното подрачје, ТППЕ Тетово годинава трипати испорачала помош и во Гостивар.