Двајца мажи се повредени во сообраќајна несреќа што се случила утринава на скопската обиколница, кога товарно возило излетало од коловозот и завршило во канал покрај патот.
Како што информираат од Министерство за внатрешни работи на Македонија, несреќата била пријавена околу 06:20 часот во СВР Скопје. Станува збор за камион „мерцедес“ со приколка и косовски регистарски ознаки, кој излетал од патот на делницата околу еден километар пред клучката Приштина.
Во несреќата се повредени возачот и неговиот сопатник. Тие веднаш биле пренесени со возило на Итната медицинска помош во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде им била укажана лекарска помош.
Полицијата извршила увид на местото на настанот, а се работи на утврдување на причините кои довеле до излетувањето на товарното возило.
