Македонија

ДЗС и пожарникарите ги здружија силите: Се затрупува депонијата во Кавадарци за да се сопре чадот

ДЗС и пожарникарите ги здружија силите: Се затрупува депонијата во Кавадарци за да се сопре чадот

Пожарникарите од Кавадарци, поддржани од екипите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), продолжуваат со интензивните активности за целосно локализирање на пожарот кој изби кај кавадаречката депонија.

Огнот во еден момент излезе надвор од границите на депонијата, но со брза и ефикасна реакција на противпожарните тимови беше брзо совладан, со што беа успешно заштитени околните лозови насади.

„Пожарникарите цело попладне истураат тони вода врз опожарената површина. За поголем ефект, ангажирани се и два БТР-а на ДЗС, чии водени топови со домет од околу 100 метри континуирано делуваат врз жариштето. Иако пожарот е делумно изгаснат, во внатрешноста на депонијата сè уште има спречено сагорување од кое се создава чад. Бидејќи гаснењето само со вода не ги дава посакуваните резултати, започнат е процес на постепено затрупување на депонијата со земја“, вели директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Ветерот во моментов го дува чадот во спротивна насока од Кавадарци, со што се спречува дополнително загадување на градот.

Се очекува во текот на ноќта депонијата комплетно да се покрие и затрупа со земја, со што чадењето ќе се сведе на минимум.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни