Сто години по смртта на Крсте Петков Мисирков, неговите идеи и научно наследство остануваат силен поттик за современата македонистика, особено во време на забрзан технолошки развој, дигитализација и предизвици поврзани со оспорувањето на македонскиот јазик и идентитет.
Ова беше една од клучните пораки на научниот собир посветен на одбележувањето на еден век од смртта на Мисирков, на кој беше нагласена потребата од континуирана грижа за македонскиот литературен јазик, неговата правилна употреба и меѓународна афирмација.
Учесниците на собирот ја истакнаа историската улога на Мисирков во поставувањето на темелите на македонскиот стандарден јазик, како и значењето на Блаже Конески во процесот на неговата кодификација.
Во рамки на одбележувањето се одржува и Меѓународната научна конференција „Славистиката и македонистиката – историски и современ дискурс“, која обединува повеќе од 40 научници.
Фокусот на конференцијата е насочен кон современите предизвици во научните истражувања, развојот на македонистиката и афирмацијата на македонскиот јазик и култура на меѓународната сцена.
Еден век подоцна, наследството на Мисирков останува не само историска и научна вредност, туку и обврска за сегашните и идните генерации да го негуваат, развиваат и афирмираат македонскиот јазик.