Една година по трагедијата: Владата организира меѓународна конференција за пожарот во Кочани

Една година по трагичниот пожар во Кочани, Владата ќе организира меѓународна конференција на која ќе се анализира институционалниот и медицинскиот одговор на несреќата, како и лекциите што треба да се извлечат за подобра подготвеност во иднина. Конференцијата со наслов „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“ ќе се одржи на 14 март и ќе обедини претставници на државните институции, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери.

Како што информираше владината портпаролка Марија Митева, на настанот ќе учествуваат и 37 лекари и медицински експерти од странство, кои во најкритичните денови по трагедијата биле директно вклучени во лекувањето на повредените пациенти.

Во Скопје се очекува да пристигнат доктори од повеќе европски клиники и здравствени центри – институции кои, како што беше посочено, ги отвориле своите врати за пациентите од Македонија кога поддршката била најпотребна.

Според Митева, конференцијата има цел заедничките искуства од справувањето со кризата да се претворат во конкретни протоколи, препораки и системски решенија кои ќе помогнат здравствениот систем да биде подобро подготвен за слични ситуации во иднина.

Во рамки на настанот ќе се одржат неколку тематски панели. Еден од нив ќе биде посветен на европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународната координација при кризни ситуации, при што ќе се дискутира за организацијата на помошта, трансферот на пациенти и соработката меѓу институциите.

Друг панел ќе се фокусира на медицинскиот аспект на кризата – од првичната тријажа и итната медицинска интервенција, до сложениот третман на тешките изгореници и координацијата меѓу клиниките и здравствените установи.

Третата дискусија ќе биде посветена на долгорочниот процес на закрепнување на пациентите, вклучувајќи рехабилитација, физикална медицина, како и психолошка и психијатриска поддршка за преживеаните.

На завршната сесија ќе бидат презентирани идните чекори и системските мерки што институциите планираат да ги преземат врз основа на стекнатите искуства од справувањето со оваа трагедија.