Свет

ЕК без коментар за конфликтот меѓу Ердоган и Мицотакис

ЕК без коментар за конфликтот меѓу Ердоган и Мицотакис

Портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант денеска на прес конференција, по прашање за изјавата на турскиот претседател дека не сака повеќе да комуницира со грчкиот премиер, посочи дека не се меша во билатералните односи на лидери на земји.

„Не можеме и нема да коментираме билатерални средби помеѓу лидери на кои се разговараат разни билатерални или други теми“, рече Спинант.

Европската Комисија изрази надеж дека ќе се надминат тензиите.

„Генерално промовираме и охрабруваме добра соработка помеѓу лидерите, посебно помеѓу Грција и Турција, и се надеваме дека позитивни бранови ќе се прошират и ќе се одразат врз акциите во регионот“, изјави Спинант.

Инаку, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека за него “не постои веќе“ грчкиот премиер Кириакос Мицотакис и одбива да се сретне со него, поради тоа што Грција се обидела да ја спречи продажбата на американски борбени авиони на Турција за време на неговата посета на Вашингтон.

Јавноста во Грција стравува дека заладувањето на односите би можело да ги актуелизира повторно тензиите помеѓу Атина и Анкара околу источниот Медитеран и Кипар.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни