Екипажите на Луфтханза најавија штрајк: „Подгответе се за откажувања и доцнења на летови“

Пилотите и кабинскиот персонал на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ во четврток ќе стапат во целодневен штрајк поради спор околу платите и условите за работа.

Синдикатот „Vereinigung Cockpit“ бара повисоки пензии за пилотите, додека синдикатот на кабинскиот персонал „UFO“ сака да го принуди работодавачот на преговори за повеќе колективни договори.

На патниците им е укажано да се подготват за откажувања и доцнења на летовите, а се очекува штрајкот да влијае на сите поаѓања од Германија. Ќе бидат погодени и карго-летовите.

Неизвесност околу бројот на откажани летови

Не е познато колку летови ќе бидат откажани. Портпарол на компанијата изјави дека чекаат подетални информации од синдикатите.

Пилотите минатата година со мнозинство гласови се изјасниле за преземање синдикални активности поради повисоки придонеси од страна на работодавачот за пензиско осигурување.

Синдикатот „UFO“ со штрајкот, кој е свикан без гласање, сака да го натера работодавачот на преговори за колективни договори во матичната компанија „Луфтханза“ и во регионалната подружница „CityLine“. Само во „CityLine“, наводно, околу 800 работни места се загрозени поради овој потег.

Според соопштението на синдикатот, управата одбива преговори. Во матичната компанија досега залудно се чекало на почеток на преговори за колективен договор.