Македонија

Експертите бараат целосна примена на еврокодовите во градежништвото

Експертите бараат целосна примена на еврокодовите во градежништвото

Поголема безбедност на објектите, поквалитетно проектирање и усогласување со европските практики се меѓу главните причини поради кои градежната фела смета дека еврокодовите треба да станат единствени национални стандарди во градежништвото.

Во земјава во моментов паралелно се применуваат постари стандарди од 80-тите и 90-тите години и европските стандарди. Според експертите, потребно е процесот на нивно воведување да се заокружи, со што во иднина проектирањето и изградбата би се одвивале според единствена регулатива.

Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски, оценува дека примената на еврокодовите придонесува за поголема сигурност во различните фази на изградбата, почнувајќи од проектирањето.

„Во сите фази се зголемува безбедноста – не само во фазите на градењето, туку и во приправните фази, во фазата на проектирањето. Тоа е комплекс на стандарди во кои е преточено европското искуство во изминатите седум или осум децении“, посочува Јосифовски.

Тој додава дека земјава веќе околу една деценија работи на воведување на еврокодовите, но сè уште постои паралелна примена на старата и новата регулатива.

„Сметаме дека треба да се насочиме само кон еврокодовите и по нив во иднина да проектираме и градиме“, вели Јосифовски.

Едно од прашањата поврзани со примената на европските стандарди е и влијанието врз трошоците за изградба. Според Јосифовски, воведувањето на еврокодовите не значи автоматски и зголемување на цената на новоградбата.

„Еврокодовите се флексибилни и дозволуваат трошоците да се дефинираат зависно од потребите. Постои мислење дека со нив се воведуваат поголеми стандарди што може да ја зголемат цената на градбата, но тоа не е нужно. Целта секогаш треба да ни биде квалитетот и безбедноста“, вели деканот на Градежниот факултет.

Од Здружението за градежништво при Стопанската комора, пак, посочуваат дека процесот на имплементација носи одредени предизвици, но оти усогласувањето со европските стандарди е неопходно.

Претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, смета дека инженерите треба да ги совладаат еврокодовите, а државата да создаде услови тие да станат национални стандарди.

„Знаеме дека процесот има многу тешкотии кои треба да се преминат, но тука сме да ги преземеме сите наши активности со цел инженерите побрзо да ги совладаат еврокодовите, а државата да ги воведе како национални стандарди за да фатиме чекор со процесите што се одвиваат во Европа“, изјави Серафимовски.

Ставовите за потребата од целосна имплементација на еврокодовите беа изнесени на Националната конференција „Еврокодови 2.0“, посветена на темата „Од стандардизација до национална имплементација“, одржана во Стопанската комора.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни