Експертски аларм по трагедијата во Кисела Вода: Градежните јами бараат строг инженеринг, а не само цртежи

Трагичен настан со човечки жртви се случи во скопската населба Кисела Вода, отворајќи сериозни прашања за безбедноста при изведба на градежни работи. Според објавата на „Engineer Cast“, несреќата претставува уште еден потсетник дека градежните јами бараат строг инженерски пристап и целосно почитување на стандардите.

Експертите нагласуваат дека за сите објекти со површина над 300 квадратни метри неопходно е изготвување геотехнички елаборат. Сепак, според европските стандарди (Еврокод), тоа не е доволно – потребни се и детални геотехнички проекти, особено кога станува збор за објекти со повеќе подземни нивоа и близина на соседни градби.

Особено критичен сегмент е заштитата на градежната јама. Во случаи кога се градат објекти со две или три подземни нивоа, инвеститорот има обврска да обезбеди соодветен проект за заштита, кој може да вклучува решенија како што се колови, дијафрагми или други геотехнички конструкции. Непочитувањето на овие мерки може да доведе до сериозни последици, вклучително и загуба на човечки животи.

Дополнително, се посочува на честите несогласувања меѓу архитектите и инженерите. Архитектонските решенија неретко го користат максимално расположливиот простор, оставајќи ограничени можности за примена на неопходните геотехнички мерки. Овој пристап, предупредуваат стручњаците, може да ја загрози стабилноста на теренот и безбедноста на работниците и околните објекти.

„Зад секоја бројка стои човечки живот“, се наведува во пораката, со апел за поголема одговорност и координација меѓу сите учесници во градежниот процес.

Од „Engineer Cast“ изразуваат сочувство до семејството на загинатиот, нагласувајќи дека ваквите трагедии мора да бидат повод за системски промени и доследно почитување на инженерските стандарди.