Собранието со 81 глас за, девет против и без воздржани го усвои новиот Закон за парнична постапка, кој, според Министерството за правда, претставува значаен чекор во реформите на правосудниот систем и неговото усогласување со европските стандарди.
Со законските измени се предвидува подобрување на ефикасноста на судските постапки, нивно поедноставување и забрзување, како и зајакнување на правната сигурност и заштитата на правата на граѓаните и правните лица.
Новиот закон ја зајакнува улогата на судот при утврдување на фактичката состојба, воведува дигитални алатки во работата на судовите и овозможува поефикасно водење на постапките, особено кај спорови со помала вредност.
Една од клучните новини е можноста судските поднесоци да се доставуваат електронски, како и одржување рочишта преку електронски средства, со цел намалување на трошоците и скратување на времетраењето на постапките.
Законот предвидува и воведување претставнички тужби за заштита на колективните права и интереси, со што се прошируваат механизмите за правна заштита.
Од Министерството за правда посочуваат дека законските решенија се усогласени со останатите системски прописи и се дел од реформската агенда насочена кон поефикасно судство, владеење на правото и зголемување на довербата на граѓаните во институциите.