Македонија

ЕУ инвестира 40 милиони евра во модернизацијата на Армијата, пристигна нова воена опрема

ЕУ инвестира 40 милиони евра во модернизацијата на Армијата, пристигна нова воена опрема

Поголема безбедност, модернизација и унапредување на оперативните способности на Армијата се во фокусот на европската поддршка за земјава. Со средства од Европската Унија, Армијата доби нова воена опрема, меѓу која радари, термални камери, транспортни возила и симулатори, како дел од пакетот вреден 40 милиони евра обезбеден преку Европскиот мировен фонд.

Опремата беше презентирана во касарната „Илинден“ пред евроамбасадорот Михаил Рокас, при што беше истакнато дека станува збор за конкретен резултат од партнерството меѓу Европската Унија и Македонија во областа на одбраната.

Испораката се реализира во три фази. Првиот пакет веќе е целосно испорачан, а дел од вториот е пристигнат. Во третата фаза се очекува испорака на дополнителна логистичка опрема, како и средства за комуникациските и пешадиските единици.

Покрај техничката поддршка, соработката со Европската Унија опфаќа и обука на припадниците на Армијата, а во рамки на презентацијата војниците демонстрираа дел од своите способности преку симулациски вежби.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски изјави дека очекува наскоро да биде потпишан договор со Европската Унија и за четврти пакет воена опрема, со што ќе продолжи процесот на модернизација на Армијата.

Во моментов, Македонија издвојува околу четири проценти од бруто-домашниот производ за одбраната, при што најголем дел од средствата се насочени кон модернизација на опремата и зајакнување на капацитетите на Армијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни