Поради зголемувањето на бројот на заразени лица, главниот град на сојузната германска покраина Баварија, Минхен, повторно воведува строги епидемиолошки мерки, вклучително и обврска за носење маски на одредени јавни места.
Како што заклучи кризниот штаб на градот Минхен на состанокот одржан денеска, од четврток ќе се воведе забрана за собирање повеќе од пет лица на јавни места и обврска за носење маски на јавни места каде обично се собираат многу луѓе, како што е главниот плоштад – Мариенплац
Премиерот на Баварија, Маркус Содер сака да воведе обврска за носење маски на јавни места во сите баварски места кои припаѓаат на т.н. жаришта, т.е. места каде што се евидентираат повеќе од 50 новоинфицирани лица на 100.000 жители во период од седум дена.
Во моментов во Баварија, Минхен и Аугсбург спаѓаат во таа категорија. Во споредба со другите германски метрополи, Минхен е град со најбрз раст на новоинфицирани.
Италија од утре воведува задолжително тестирање на Ковид-19 за луѓе кои доаѓаат од Париз и некои други области во Франција, изјави денеска италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца.
Според портпаролот на италијанското Министерство за здравство, новото тестирање ќе започне од утре.
.
