Европските берзи ги надоместуваат загубите

Цените на акциите утринава пораснаа на европските берзи, надоместувајќи дел од вчерашните загуби, но се тргуваше внимателно поради високата инфлација, растот на каматните стапки и забавувањето на економскиот раст.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9:30 часот порасна за 0,8 отсто, откако вчера се лизна за 1,1 отсто, јавува Хрватската радио-телевизија .

Лондонски FTSE индекс се зголеми за 0,65 отсто, на 7.533 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,56 отсто, на 13.997 поени, а париски CAC 0,34 отсто, на 6.274 поени.

Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи, така што индексот на азиско-пацифичките акции MSCI, без јапонскиот, беше околу 9:0, со раст од 0,8 отсто, компензирајќи ги вчерашните загуби.

Индексот на токиската берза Никеи зајакна за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонг Конг, Јужна Кореја и Шангај пораснаа меѓу 0,3 и 1,2 отсто.

Азиските берзи утринава ги надополнија вчерашните загуби, но и понатаму се тргува внимателно поради забавувањето на растот на најголемите светски економии и зголемувањето на каматните стапки на централните банки со цел да се заузда прекумерната инфлација.

Централната банка на Нов Зеланд утрово ги зголеми клучните каматни стапки за 0,50 процентни поени, на два отсто, како што се очекуваше на пазарите.