Фани Каранфилова-Пановска денеска беше избрана за нова заменик-претседателка на СДСМ, објави лидерот на партијата, Венко Филипче, по завршувањето на 30. конгрес на социјалдемократите.
– Таа е личност која ја познавам долго време и која цврсто верува во социјалдемократските вредности. Активно учествувала во граѓански организации, особено во Фондацијата Отворено Општество, и има соработувано со субјекти кои ги делат вредностите на нашата партија – изјави Филипче.
На конгресот присуствуваа 536 од вкупно 626 нови делегати, кои го избраа Централниот одбор на партијата. До крајот на неделата, СДСМ ќе го заокружи процесот на избор на целото ново раководство.
– Првиот состанок на новиот Централен одбор ќе се одржи неделава, на кој ќе бидат избрани членовите на новиот Извршен одбор, потпретседателите и секретарите на партијата. Со тоа ќе се финализира процесот на поставување на новото партиско раководство – нагласи Филипче.
Лидерот на СДСМ најави дека новото раководство ќе го сочинуваат млади и енергични лица кои досега не биле на високи партиски функции. Деталите за составот најверојатно ќе бидат објавени до четврток или петок.
На прашањето зошто на конгресот не беше присутен поранешниот лидер Зоран Заев, Филипче одговори дека тој не бил физички присутен.
