Македонија

Фертилитетот во Македонија речиси ист како во ЕУ, највисока стапка има Скопскиот регион

Фертилитетот во Македонија речиси ист како во ЕУ, највисока стапка има Скопскиот регион

Демографските показатели во Македонија се блиску до просекот на Европската Унија, но и двете се соочуваат со ниска стапка на раѓање. Во земјава стапката на фертилитет изнесува 1,35 живородени деца по жена, додека просекот во ЕУ во 2024 година паднал на рекордно ниски 1,34 деца по жена, покажуваат податоците на Евростат.

Стапката во Европската Унија е најниска од 2001 година, кога започнало следењето на оваа статистичка серија. Во последните две децении таа постојано била под нивото од 2,10 живородени деца по жена, кое се смета за потребно за природна замена на населението без влијание на миграцијата.

И во Македонија постојат значителни разлики меѓу регионите. Највисока стапка на фертилитет е регистрирана во Скопскиот регион, каде што изнесува 1,73 деца по жена. Над националниот просек се и Североисточниот регион со 1,40 и Пелагонискиот со 1,36.

Во останатите региони стапката е под државниот просек. Во Полошкиот и Југозападниот регион таа изнесува по 1,27 деца по жена, во Вардарскиот 1,31, а во Југоисточниот 1,30. Најниска стапка е забележана во Источниот регион, со 1,16 живородени деца по жена.

Регионалните податоци за Европската Унија дополнително ги покажуваат разликите меѓу нејзините делови. Од вкупно 1.165 региони со достапни податоци, во 439, односно 37,7 проценти, стапката на фертилитет била под просекот на Унијата. Во 714 региони, или 61,3 проценти, била над просекот, додека во 12 региони била на исто ниво.

Стапка од најмалку 1,75 живородени деца по жена е регистрирана во 14 региони во Бугарија и Франција, шест во Германија, три во Словенија, како и во по два региона во Унгарија, Холандија и Романија. Такви вредности се забележани и во по еден регион во Ирска, Грција, Хрватска и Словачка.

На спротивниот крај се Шпанија и Италија, каде што се забележани дел од најниските стапки на фертилитет во ЕУ. Во Шпанија особено се издвојуваат северозападните и одредени островски региони, додека во Италија ниските стапки се присутни во поголемиот дел од земјата, вклучително и на Сардинија.

Стапка од помалку од едно живородено дете по жена е регистрирана во 16 региони во Шпанија, седум во Полска, пет во Италија, три во Грција и по два региона во Германија и Литванија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни