Европската Унија повторно го става процесот на проширување високо на својата приоритетна агенда, а Македонија мора да го искористи моментот за да го продолжи својот европски пат, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на панел-дискусија во Собранието на тема „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликации за Западен Балкан“.
Филипче истакна дека актуелните геополитички околности, вклучително и војните во Украина и на Блискиот Исток, повторно го ставаат проширувањето на ЕУ во фокусот на Унијата, што претставува, како што рече, важна можност за земјите од регионот.
„Доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите со децении натаму да бидат затворени. Овој момент мора да се искористи затоа што проширувањето повторно е на врвот на приоритетите во ЕУ“, рече Филипче, предупредувајќи дека доколку државата не направи конкретни чекори, може да остане надвор од идните европски финансиски и политички рамки.
Во обраќањето, тој упати повик до премиерот Христијан Мицкоски и до власта за заедничко носење на уставните измени, оценувајќи дека тоа е клучен предуслов за продолжување на евроинтегративниот процес.
„Го повикувам Христијан Мицкоски и власта заеднички да ги направиме уставните измени. Треба да ја споделиме одговорноста за овој чекор“, истакна Филипче.
Тој додаде дека СДСМ е подготвен да учествува и во понатамошниот тек на преговорите со Европската Унија, како што, според него, било пракса и во други држави кои успешно ги завршиле преговорите за членство.
Филипче предупреди дека пропуштањето на овој момент би можело да има долгорочни последици по економијата и демографијата на земјата, повикувајќи на политичко единство и заедничка одговорност во процесот на евроинтеграции.