Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција истакна дека премиерот Христијан Мицкоски се повлекува од законот за двојни државјанства затоа што се дозна вистината дека министри, пратеници и други функионери на ВМРО имаат бугарски пасоши.
„Вчера премиерот Христијан Мицкоски ретерираше од најавениот закон од неговите пратеници на ВМРО за тоа да пратениците немаат двојни државјанства. И уште една нивна лага е разобличена. Зошто? Поради тоа што министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалници, функционери, директори на јавни претпријатија имаат бугарски пасоши. Толку од нивниот патриотизам. Лажниот патриотизам сè повеќе се разобличува и секој ден сè повеќе излегува на виделина.“ рече претседателот Филипче.
Претседателот Филипче потенцираше дека токму реакцијата на СДСМ ја разобличила вистинската намера на власта:
„Вистината е дека ги пресретнавме и разобличивме уште една нивна лага, уште еден нивен лажен патриотизам. Кога дадовме амандмани и најавивме дека тој предлог-закон ќе важи и за актуелниот пратенички состав, а не како што тие сакаа за од следните пратенички состави, и кога го поднесовме и нашиот предлог-закон да членови на влада немаат двојни државјанства, тие постепено ретерираат.“ рече Филипче.
Тој потенцираше дека мислење од правни експерти требало ВМРО да побара пред да го поднесат законот во Собранието.
„Премиерот ќе барал мислење од правни експерти. Зошто не побарале претходно? Зошто не побарале мислење од правни експерти пред пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го поднесат тој закон во Собранието?“ рече Филипче.
Претседателот Филипче посочи дека концептот на лажниот патриотизам на Мицкоски е целосно разобличен.
„Толку од лажните патриоти. Толку од лажниот патриот Мицкоски. Лажниот патриотизам повеќе не функционира. Станува збор за предавници на националните интереси, на интересите на земјата и на интересите на граѓаните.“
Од ВМРО-ДПМНЕ пак вратија дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче конечно си ја кажал маката.
„Судии и обвинители ќе испорачуваат правда, а пречка за ЕУ не е Бугарија туку Мицкоски. Вакви тези може да каже само исплашен бугарски привезок чии храброст, морал и пари се во фиоките на бугарското разузнавање. Гордите носители на златни визи од Дубаи последни се што имаат право да зборуваат за било што поврзано со државни интереси.
Ова што денес го прави СДС не е политика. Ова е паника! Старата пракса продолжува. Секогаш кога немаат што да понудат, излегуваат со конструкции и напади што се враќаат како бумеранг. Колку повеќе викаат, толку поочигледно е што кријат.
СДС е заложник на Зоран Заев и на неговите бизниси, договори и интереси. И токму затоа секоја нивна изјава изгледа како обид да се одбрани нешто што одамна не може да се одбрани. Ова веќе не е ни сериозно. Станува и смешно, и трагично, и жално во исто време. Партија што до вчера беше на власт, денес не може да се пронајде ни во опозиција. Реактивна, нервозна, без идеја и без тежина. Тонењето продолжува. И тоа со забрзано темпо.
СДС полека, но сигурно, станува ирелевантен фактор, дури и таму каде што треба да биде најгласен: во опозицијата.
Што се однесува до новиот директор на МРТВ, тоа е прашање за Собранието на МРТВ, кое избира врз основа на критериуми кои се законски утврдени, а кандидатот е најдоброто решение за кое Собранието одлучило дека со својата програма и искуство кое е богато може да придонесе за развојот на МРТВ.
Тоа што одредени кадри не му се допаѓаат на двоецот Заев-Филипче е најголемиот комплимент што може да постои, посебно ако се земе предвид што Заев и Филипче уништија, опљачкаа, разрушија и предадоа, и сигурни сме дека ќе дадат резултати во работењето“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
