Македонија

Филипче за Мицкоски: Одговорноста ќе го стигне откако власта ќе ја вратиме во рацете на народот

Филипче за Мицкоски: Одговорноста ќе го стигне откако власта ќе ја вратиме во рацете на народот

Во интервју за „Тема на денот“ на Сител телевизија, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, врече дека трагедијата и болката на семејствата на загинатите во модуларната болница во Тетово со години биле злоупотребувани од Христијан Мицкоски за политичка кампања против него и побара да им се извини на семејствата.

„Многу ми е жал за луѓето што загинаа таму, за семејствата. Навистина сочувствувам, тоа го чувствувам и денес и веројатно тоа така ќе биде секогаш. Тогашната опозиција, сега моменталниот премиер Христијан Мицкоски, го искористи. Нему му требаше некој да го прикаже како убиец. Со неговиот главен ПР советник смислија таква кампања, да ме нарекуваат убиец, доктор Менгеле, доктор смрт и како не. И тоа траеше пет години“, рече Филипче.

Тој потенцираше дека по одлуката на обвинителството целата политичка конструкција на ВМРО-ОКГ падна во вода и побара извинување, кон семејствата на загинатите.

„Тие се возеа на таа приказна која сега им падна во вода. Побарав да се извинат. Не на мене, затоа што знам дека од такви луѓе такво извинување никогаш нема да дојде. Ниту сакам. Затоа што ниту имаат емпатија, ниту сочувство“, рече претседателот на СДСМ.

Филипче нагласи дека никогаш нема да ги користи трагедиите за политички пресметки и дека Мицкоски и ВМРО треба да одговорат за начинот на кој ја користеле болката на семејствата за политички поени.

„Нема да ги злоупотребувам ниту чувствата, ниту жалот којшто го носат со себе семејствата на луѓето. Но барам да се извини и Христијан Мицкоски и криминалната група на ВМРО на семејствата, затоа што ја злоупотребија емоцијата, жалот којшто го чувствуваат тогаш и сега сè уште и на тоа сакаа и добиваа политички поени“, рече Филипче.

Во однос на новите закани од Мицкоски, Филипче рече дека тие се одраз на слабост и страв.

„Тоа не е првпат тој да се заканува. По којзнае кој пат се заканува, се закануваше на собраниска говорница, на јавни настапи, прес-конференции, каде и да оди. Зошто? Затоа што е слаб и уплашен“, рече Филипче.

„Одговорноста ќе го стигне откако власта ќе ја вратиме во рацете на народот. Единствено на човек којшто нема резултати, којшто ништо не изменаџирал како што треба и нема резултат ниту во економијата, ниту во земјоделието, ниту во образованието и здравството, ниту во реформите, ниту во надворешната политика, што му останува освен да се заканува“, истакна претседателот на СДСМ.

Филипче ги отфрли и шпекулациите за каков било какви политички договори околу затворањето на предметот и ги оцени како апсурдни.

„Има два апсурди. Првиот апсурд, ако тој предмет е почнат за времето на СДСМ, зашто требало да се чека ВМРО да го затвори и така да има некаков договор, па тој ќе се затворил ако нешто се влијаело во тој дел во времето на СДСМ. И вториот апсурд, јас сум професор по неврохирургија, имам мои пациенти, имам мои студенти со коишто комуницирам секојдневно. Зарем јас би влегол во некој таков договор и би дозволил пет години некој да ме нарекува убиец за некој после да ми помогне во нешто? Тоа е целосно апсурдна ситуација“, рече Филипче.


Со затворањето на предметот за модуларните болници, обвинителството потврди дека немало злоупотреба на службената должност ниту штета на Буџетот, додаде тој.

„Јас знаев како сум работел. Знам како сум работел без коруптивни практики, како во рамките на мојата работа на клиниката со пациенти, така и додека сум бил министер. Обвинителството вчера кажа дека немало прекршување на службената должност, дека немало штета на Буџетот“, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче во „Топ тема“ на Сител Телевизија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни