Објект висок 105 метри се предвидува на местото на печатницата „Нова Македонија“, изјави архитектката Билјана Филиповска Тодорчевска, советничка од „Шанса за Центар“, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ. Таа предупреди дека ваквата изградба дополнително би го оптоварила просторот во кој веќе има проблеми со сообраќајот и пристапот.
Според неа, станува збор за приватна сопственост, на која се планира објект со повеќе од 30 ката, во непосредна близина на постојната зграда на „Нова Македонија“.
„Еве, сега успеавме за малку да стопираме, да се размисли за градбата на местото на печатницата „Нова Македонија“, рече Филиповска Тодорчевска.
Таа го постави прашањето дали околната инфраструктура може да го издржи дополнителното оптоварување што би го создал толку висок објект. Во тој контекст го спомена и проширувањето на „Рамстор“, кое, според нејзината оценка, дополнително ја усложнува сообраќајната состојба.
За советничката, овој пример е дел од поширокиот проблем со урбанистичките планови што овозможуваат голема густина на градба, без соодветно следење на инфраструктурните капацитети.
Таа оцени дека стравот од тужби поради стекнати права за градба ги обесхрабрува надлежните да ги преиспитаат планските решенија.
„Ние сега имаме еден урбанизам на страв, да не бидеме тужени“, изјави Филиповска Тодорчевска, порачувајќи дека јавниот интерес треба јасно да се утврди и да биде основа за преиспитување на спорните планови.