Македонија

Финансирањето на проекти од културата за едни скандалозни за други сосема регуларни

Министерството за култура вчера ги објави резултатите од годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес за 2019 година. За дел од оние кои конкурирале, резултатите од конкурсот се скандалозни, за други пак се сосема регуларни. Вчера, премиерот Зоран Заев, изјави дека конкурсот ќе биде поништен.

 По премиерот Заев, реакција уследи и од министерот за култура, Асаф Адеми.

„Во ниту еден случај не сум вршел никаков притисок за избор на некој проект. Со големо внимание ги следам критиките, реакциите, пофалбите и предлозите. Исто така сакам да ви кажам дека сум во постојан контакт со членовите на комисите и со правната служба при Министерството. По консултациите што ги имаме, заедно ќе одлучиме за следните чекори. Моето мото „култура за сите“ беше без било каква етничка, политичка или религиозна предрасуда. Јас не сум од тие политичари што функцијата ја гледа како алатка за лично богатење“, се вели во реакцијата на Министерот за култура, Асаф Адеми.

Тој додава дека  за него функцијата министер не е света. Меѓутоа, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од министерот Адеми.

Роберт Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека парите од конкурсот биле поделени по етничка основа. Глас против конкурсите на Министерството за култура крена и режисерката Зоја Бузалкова. Вели дека е скандалозно што во Прилеп е пријавена само една претстава.

„Да си скромен (а тоа поинаку се нарекува и – „да си будала“) и да пријавиш само една претстава за 2019 година, во Прилеп, затоа што минатата година си работел претстава во Драмски во Скопје (само една) и затоа што треба и други, нели, да работат и да не ти се одобри и таа една претстава, е тоа е навистина скандалозно!“, изјави Зоја Бузалковска – режисер.

Дека конкурсите се праведни, тврди и советникот за култура во кабинетот на министерот Адеми, Зеќирија Ибрахими.

„Националната културна програма за 2019 година конечно докажа дека Албанците и албанската култура не се „сираци“ и имаат сериозен „старател“. Помина времето кога вредноста на албанските проекти беше колку опашка на коњот од некој споменик од „Скопје 2014“. Доколку сакате да дознаете дали сте на прав пат, погледнете кому му пречите и кој ве напаѓа. Денеска, сите ние се гордееме со твојата работа, Асаф Адеми“, додава Зеќирија Ибрахими.

Инаку, на годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес до Министерството за култура за 2019 година пристигнаа 5.560 пријави, од кои Комисиите одобрија 2.781 проект.

РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни