Форумот за безбедност и демократија (ФБД) ја повика претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, без натамошно одложување да распише предвремени претседателски избори по одржувањето на вонредните парламентарни избори.
Во соопштението, Форумот тврди дека Брнабиќ со досегашното непостапување веќе излегла од уставните и законските рамки предвидени за распишување на изборите.
Според ФБД, секое дополнително одложување на овој институционален чекор може да ги дестабилизира политичките состојби во земјата, кои, како што наведува организацијата, дури сега имаат можност да почнат да се нормализираат по признавањето на изборниот пораз на Српската напредна партија.
Форумот го повика и јавното обвинителство итно и целосно да ги расветли сите регистрирани безбедносни инциденти за време на вчерашниот изборен ден, со целосна соработка од Министерството за внатрешни работи.
Санкционирањето на учесниците и организаторите на инцидентите е клучно за зачувување на интегритетот на изборниот процес, оценува ФБД.
Организацијата побара и итно објавување на целосниот список на лица што, според соопштението, поранешниот претседател Александар Вучиќ ги помилувал со својата последна одлука од 27 септември.