Студентската листа освоила 52,54 отсто од гласовите на предвремените парламентарни избори во Србија, според прелиминарните резултати што утрово ги објави Републичката изборна комисија (РИК). Податоците се однесуваат на 8.077 обработени избирачки места од вкупно 8.392.
Листата „Обединета Србија“, предводена од Српската напредна партија, освоила 39,29 отсто од гласовите.
Според РИК, листата на Социјалистичката партија на Србија добила 2,18 отсто, „Автентична десница“ 0,82 отсто, а „Европска Србија“ 0,28 отсто од гласовите.
На изборите во неделата гласале 4.211.957 избирачи, односно 68,78 отсто од граѓаните со право на глас. Неважечки биле 1,29 отсто од гласачките ливчиња.
Одделно од прелиминарните резултати на РИК, ЦеСИД објави проекција за распределбата на пратеничките места врз основа на 96 отсто од обработениот примерок. Според неа, Студентската листа би добила 140 мандати, а „Обединета Србија“ 103 мандати.
Сојузот на војводинските Унгарци би имал тројца пратеници, Албанската коалиција двајца, а листите „Расим Љајиќ – Човечно“ и СДА Санџак по еден пратеник.
Во проекцијата на ЦеСИД, Студентската листа има 52,9 отсто од гласовите, а „Обединета Србија“ 38,8 отсто. Резултатите на РИК сè уште се прелиминарни, додека распределбата на мандатите наведена од ЦеСИД претставува процена.