ФОТО: Прекрасниот Берат – албанскиот „град на илјада прозорци“

Градот Берат, кој е попознат како албанскиот „град со илјада прозорци“, се наоѓа на југот на земјата и важи за еден од најубавите градови во Албанија.

Благодарение на својата уникатна отоманска архитектура, се наоѓа и на листата на светско наследство на УНЕСКО од 2008 година, а исто така ја носи и титулата град-музеј.

Овој град е деветти по големина во Албанија, а опкружен е со планини и ридови, неговата највпечатлива одлика се белите куќи што „се искачуваат“ како скали по едното брдо.

Иако сега е туристички центар во Албанија, сепак градот успеа да го задржи својот шарм и пријателската атмосфера.

Како и повеќето во Албанија, се работи за стар утврден град исполнет со цркви и џамии со насликани бројни мурали и фрески.

Голема атракција на градот е и мостот Горица, се работи за еден од најстарите мостови од османлискиот период во Албанија, кој првпат е изграден од дрво кон крајот на 18 век, а пред 100 години бил обновен и дограден со камен.

Легендата вели дека во него имало и мала зандана во којашто една девојка била заробена и гладувала, со цел да го скроти гневот на реката и да ги нахрани духовите што го рушеле мостот.

Меѓу историските атракции во Берат, интересна е и црквата од византискиот период, „Свети Спиридон“, како и бројни џамии, од кои некои, како градби, датираат од 13 и 14 век.