Гаши: Постојат утра што будат надеж и раѓаат нова сила, но има и мрачни утра што ја гасат надежта и предизвикуваат само болка, такво утро беше 16 март минатата година

Денеска во Собранието на Македонија се одржува комеморативна седница по повод годишнината од трагедијата во Кочани, каде во пожар загинаа 63 млади луѓе.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обрати пред присутните со зборови полни на тежина и тага:

„Некои ноќи завршуваат рутински, некои оставаат спомени, но има и такви што никогаш не завршуваат. Постојат утра што будат надеж и раѓаат нова сила, но има и мрачни утра што ја гасат надежта и предизвикуваат само болка. Такво утро беше 16 март минатата година.“

Гаши потсети дека ноќта започнала со забава, со насмевки и пријателства, но завршила со плач и болка која длабоко продрела во срцата на сите граѓани.

„Кочани и Македонија не ги изгубија само своите синови и ќерки, туку изгубија и дел од својата иднина. Еден неповратен дел од нашата душа таа ноќ изгоре во Кочани,“ рече тој.

Претседателот нагласи дека трагедијата го однела со себе и соништата и плановите на загинатите, како и утрешнината на многу семејства во земјата.

„Дури и по една година, тешко е да се најдат зборови, а уште потешко е да се изговорат. Ни една реченица не е доволна да ја исполни празнината и да ја ублажи болката што оваа трагедија ја остави кај семејствата и во совеста на целото општество,“ посочи Гаши.