Мораториумот за градба во Општина Центар, кој траеше околу три години, не ги даде очекуваните резултати, а последиците од неговото спроведување се чувствуваат и денес. Ова го изјави градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, посочувајќи дека општината сè уште се соочува со голем број нерешени барања за одобренија за градба.
Според Герасимовски, во периодот пред неговото доаѓање на функцијата, во поголем дел од Центар била запрена изградбата, со намера да се ревидираат урбанистичките планови и да се подобрат условите за градба.
Сепак, тој оцени дека ваквата мерка не ја исполнила својата првична цел.
„Од денешна дистанца можам слободно да кажам дека самиот мораториум не го постигна тоа што беше замислено и поради што беше започната неговата процедура“, истакна Герасимовски.
Тој посочи дека по укинувањето на мораториумот, општината морала да постапува по голем број претходно поднесени барања, што создало дополнителен административен и урбанистички притисок.
„Над 300 барања за одобрение за градба чекаа во општината. Кога мораториумот падна, ние моравме да постапиме и затоа денес се соочуваме со ваквата состојба“, објасни градоначалникот.
Герасимовски се осврна и на можните финансиски последици од урбанистичките одлуки, нагласувајќи дека досега општината не се соочила со тужби поврзани со ова прашање.
Според него, при носењето одлуки особено се внимава да не се создадат дополнителни финансиски обврски што би паднале на товар на граѓаните.
„Буџетските средства на општината се пари на граѓаните. Затоа внимаваме да не дојдеме во ситуација да плаќаме големи пенали“, порача Герасимовски.
Тој нагласи дека урбанистичките прашања бараат долгорочни решенија, внимателно планирање и усогласување со законските процедури, наместо мерки кои подоцна би предизвикале дополнителни проблеми.