СДСМ допрва ќе одлучува каков став ќе заземе доколку повторно се отвори прашањето за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот. Ова го изјави потпретседателот на партијата, Горан Герасимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
На прашањето дали СДСМ би ги поддржала уставните измени, имајќи предвид дека францускиот предлог беше прифатен за време на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ, Герасимовски не даде категорична потврда.
Тој нагласи дека за евентуално ново гласање ќе биде потребна политичка одлука донесена во рамките на партијата.
„Ќе се седне и ќе се донесе политичка одлука. Во минатото беше донесена една одлука, сега ќе се донесе нова политичка одлука, дали ќе биде истата или ќе има промена“, изјави Герасимовски.
Според него, ваквите прашања не можат да бидат предмет на индивидуални проценки, туку мора да произлезат од официјалните ставови и одлуки на партиските органи.
Герасимовски истовремено ја критикуваше актуелната власт поради застојот на европскиот пат, оценувајќи дека таа мора да преземе одговорност за понатамошните чекори.
Тој нагласи дека владејачкото мнозинство располага со политички мандат да предложи решенија за продолжување на евроинтеграциите.
Изјавата на Герасимовски отвора простор за нова внатрепартиска дебата во СДСМ околу прашањето за уставните измени, особено доколку во Собранието повторно биде покрената постапка за нивно усвојување.
Засега, според неговата изјава, нема однапред утврдена нова одлука на партијата за евентуално гласање.