Американскиот реномиран портал Quartz објави листа на најдобри дестинации на Балканот за посета во 2026 година. Опишувајќи го Балканот како еден од најпотценетите, но и најфасцинантни региони во Европа, авторите им препорачуваат на туристите да одберат две до четири земји и да уживаат во нивното бавно и детално истражување.
На самиот врв на листата се најде Сараево, додека Македонија се закити со дури две места меѓу првите осум: Охридското Езеро го зазеде високото четврто место, а Националниот парк Маврово се пласираше на шестото место.
1. Сараево (Босна и Херцеговина) – Најдобра дестинација на Балканот
Првото место му припадна на главниот град на БиХ поради неговата богата историја, уникатниот спој на култури и посебната душевна атмосфера. Quartz ги издвојува Башчаршија, традиционалното босанско кафе, австроунгарската архитектура, верското богатство и трагите од Зимските олимписки игри во 1984 година. На туристите им се препорачува опуштена прошетка низ градот, како и еднодневен излет до Мостар.
2. Котор (Црна Гора)
На второто место е средновековниот Котор, познат по импозантните градски ѕидини, стариот град и спектакуларниот поглед врз Бококоторскиот Залив.
3. Истра (Хрватска) – Гастрономски рај
Истра го зазема третото место како водечка гастрономска дестинација во регионот. Истакнати се истарските тартуфи, врвното маслиново масло и автохтоните сорти вина Малвазија и Теран. Со своите сликовити ридести гратчиња и кусата oddaлеченост меѓу брегот и внатрешноста, Истра е совршена за патување со автомобил.
4. Охридско Езеро (Македонија)
Високото четврто место му припадна на македонскиот бисер. Quartz го препорачува Охрид поради неговите недопрени природни убавини, кристално чистата вода и богатото културно-историско наследство заштитено под закрила на УНЕСКО.
5. Албанска ривиера (Албанија)
Петтото место е резервирано за албанското крајбрежје, кое е пофалено за тиркизното море, сликовитите места и значително поповолните цени во споредба со останатиот дел од Медитеранот.
6. Национален парк Маврово (Македонија)
Втората македонска дестинација на листата е Маврово. Според порталот, ова е идеално место за љубителите на планинарењето, недопрената природа, чистиот воздух и традиционалните македонски обичаи.
7. Приштина (Косово)
Опишана како еден од најпотценетите главни градови во Европа, Приштина го зазеде седмото место благодарение на својата младешка енергија, живата кафе-култура и можностите за излети во природа.
8. Островот Брач (Хрватска)
Листата ја затвора островот Брач, кој е претставен како помирна и поопуштена алтернатива за соседниот Хвар. Клучна атракција е плажата Златни Рат, чиј врв ја менува формата во зависност од ветрот и морските струи, правејќи ја уникатен природен феномен.