Гислејн Максвел ќе даде докази во полза на принцот Ендрју

Поранешната девојка на Џефри Епстин, Гислејн Максвел ќе понуди докази во корист на британскиот принц Ендрју откако тој беше обвинет за сексуална злоупотреба на малолетничка.

Ова, за „Јаху ентертејнмент“ го потврди неименуван извор близок до Максвел.

„Гислејн ќе биде подготвена да даде докази во полза на војводата. До мигот кога случајот против војводата ќе стигне до суд, Гислејн или ќе биде осудена и ќе служи до 85 години затвор (или) ќе биде ослободена од обвиненијата, се разбира, таа ќе му помогне на принцот Ендрју. Тие беа пријатели многу долго време. Многу е веројатно Гислејн да понуди да му помогне“, вели неименуваниот пријател.

Имено, пред неколку дена Вирџинија Робертс Џуфре ги обвини принцот Ендрју, Максвел и Епстин дека пред 20 години, додека таа се уште била малолетничка, ја принудиле на сексуални односи со британскиот принц, против нејзина волја, во домот на Максвел во Лондон во 2001 година.

Инаку, Максвел е клучен сведок во повеќе случаи, вклучувајќи го и обвинението на Џуфре. Принцот ги негира сите обвинувања, а Максвел досега го поддржуваше него.