„Мајкрософт“ продолжува да работи на отстранување на големиот прекин на своите услуги, кој предизвика проблеми за корисници, компании и институции низ светот. Компанијата соопшти дека досегашните мерки за стабилизирање на системот не ги даваат очекуваните резултати и дека испитува алтернативни решенија.
„Продолжуваме да работиме на обновување на нашите сервери, со дополнителни мерки за оптимизација на сообраќајот за да ја подобриме стабилноста на услугите и да го зголемиме капацитетот“, објави компанијата на социјалната мрежа X.
Иако претходно беше забележано делумно обновување на услугите во одредени региони, проблемите не се трајно решени. „Мајкрософт“ предупреди дека услугите што повторно станале достапни може да престанат да одговараат при зголемување на сообраќајот, пренесува Би-би-си.
Компанијата бара начин да овозможи пристап за поголем број корисници без дополнително преоптоварување на системот.
Претставникот на „Мајкрософт“, Чарлс Ламана, соопшти дека прекинот не е поврзан со кибернапад или друга злонамерна активност.
„Жалиме поради прекините што денеска им предизвикаа тешкотии на нашите корисници и работиме на решавање на проблемот“, порача Ламана.
Според податоците на Downdetector, платформата што ги следи прекините врз основа на кориснички пријави, проблеми биле регистрирани во 74 држави и територии. Најголемо влијание е забележано во Северна и Јужна Америка, Европа и Австралија.
Прекинот ја зафатил и заедничката информатичка платформа на јапонската државна администрација. Заменикот на главниот секретар на јапонската влада, Масанао Озаки, изјави дека властите ги следат напорите на компанијата за повторно воспоставување на услугите.
Јапонскиот министер за дигитализација, Тошихару Фурукава, посочи дека институциите што користат Outlook преминале на алтернативни начини на комуникација, вклучувајќи телефонски повици, апликации за разговор и текстуални пораки. Според него, работењето на државните служби не било прекинато.
Размерот на проблемот е значаен поради широката употреба на услугите на компанијата. Според „Мајкрософт“, апликациите Microsoft 365, меѓу кои Outlook и Teams, ги користат повеќе од 430 милиони луѓе.