Досегашната истрага за бегството на Ива Михајлова од Кочани не покажала докази за вмешаност на полициски службеници во нејзиното заминување од Македонија. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостувањето на телевизија Сител, изјави дека Михајлова не е евидентирана на ниту еден официјален граничен премин, ниту на камерите и безбедносните системи во критичниот период.
Според министерот, истрагата досега не утврдила на кој начин Михајлова ја напуштила државата, а дополнителна неизвесност создаваат и информациите добиени од бугарските власти.
„Досегашниот дел од истрагата потврди дека не само што ја нема во македонските евиденции за влез и излез во текот на 2026 година, туку и првично бугарската гранична полиција ни потврди дека нема евиденција за нејзин влез или излез во текот на оваа година. Ниту на една од камерите, ниту на еден од системите што ги имаме не е детектирана“, изјави Тошковски.
Тој се осврна и на информациите што се појавија во јавноста за наводна вмешаност на полициски службеници, посочувајќи дека досегашните сознанија не ги потврдуваат таквите тврдења.
„Ова лице, заедно со другото лице, во тој критичен временски интервал не е регистрирано на ниту една од камерите. А камоли полициските службеници да ја поздравуваат, да ја величаат и да зборуваат колку е значајна за светот, како што се обидува да се наметне со пропагандата што, за жал, се шири“, рече министерот.
Според Тошковски, безбедносните системи не го регистрирале движењето на Михајлова од вечерта кога последен пат била забележана во локал во Кочани до нејзиното појавување во медиумите во Бугарија.
Министерот нагласи дека клучното прашање на кое истрагата треба да даде одговор е како Михајлова ја напуштила Македонија, бидејќи досегашните податоци не покажуваат дека таа легално ја преминала границата преку официјален граничен премин.
Отсуството на евиденција, сепак, само по себе не го утврдува начинот на нејзиното заминување, ниту дефинитивно ја исклучува можноста за вмешаност на други лица.