Силното невреме што попладнево го зафати Скопје остави сериозни последици и врз објектите на Градската општа болница „8 Септември“, каде е регистрирана значителна материјална штета.
Директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски, изјави дека во здравствената установа не се примени лица повредени во невремето, но дека најголемите оштетувања се забележани на кровот и кровната конструкција.
„Сè уште не можеме прецизно да го утврдиме обемот на штетата. Тоа ќе биде познато откако проценител ќе излезе на терен и ќе се изготви официјален записник од надлежните институции. Од првичниот увид, најголема штета има на кровот и кровната конструкција“, изјави Стојаноски.
Тој нагласи дека деталната проценка на материјалната штета ќе следува по завршувањето на увидот од надлежните служби.