На денешната седница Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ му се обрати на премиерот Заев дека не може сами да нарачаат опозиција, бидејќи опозиција е целиот народ во државата.
„Господине Заев вие не може да си нарачате опозиција во РМ затоа што легитимитетот го дава народот и граѓаните. Не може да си нарачате опозиција која де-факто ќе биде власт поради политички уцени, затоа што опозиција ви е македонскиот народ, опозиција ви се Албанците кои се разочарани на кои не им ги исполнивте ветувањата, опозиција ви се Турците кои се повеќе го дигаат гласот, Бошњаците, Србите, Ромите, и самите ваши пратеници велат дека не ги исполнувате ветувањата. Опозиција ви се сите“, рече Ѓорчев.
За референдумот кој помина пред два месеци напомена дека едвај 36% луѓе излегоа да гласаат со сите притисоци и со сите скандалозни полнења на кутии. Реалниот одзив на референдумот и гласовите За, без оние прешкртани неважачки, едвај мизерни 28%. Немате легитимитет од граѓаните.
„Договорот не е симетричен, затоа што тука е Уставот на Грција и Грција не менува ни една буква во нивниот устав. Обидете се да најдете 2/3 мнозинство во Грција и видете како ќе поминете во договорот за кој исклучиво само Македонија презема одговорност“, додаде Ѓорчев.
