Советот на Град Скопје на денешната седница го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година, со кој се предвидува зголемување на средствата за дополнителни 166 милиони денари наменети за нови капитални инвестиции во градот. Од Градот информираат дека ребалансот е резултат на домаќинско и одговорно работење, без нови задолжувања.
Со средствата од ребалансот ќе се реализира изградба на нов кружен тек во близина на Народната банка на Република Северна Македонија, со цел подобрување на сообраќајната проточност на една од најоптоварените точки во градот.
Паралелно, се планира изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Проектот ќе овозможи околу 500 нови паркинг места и ќе чини околу три милиони евра, со што се очекува значително намалување на долгогодишниот проблем со паркирањето во комплексот. Градот ќе биде задолжен за проектирање, изградба и управување со гаражите, со цел да се избегнат дополнителни поскапувања на паркингот за граѓаните.
Ребалансот предвидува и инвестиции во образованието, кои вклучуваат поставување топлотни пумпи за елиминирање на греењето на нафта, инсталирање на фотоволтаици, санација на училишни дворови и поставување нова урбана опрема.
Од Град Скопје нагласуваат дека со овие капитални инвестиции се подобрува инфраструктурата, се унапредуваат условите во образованието и се создаваат подобри услови за живот за граѓаните на Скопје.
