Македонија

Грчев: Наместо да ги градиме институциите, повторно сме во блокада и се плашиме да ги дотераме симболите

Грчев: Наместо да ги градиме институциите, повторно сме во блокада и се плашиме да ги дотераме симболите

Триесет и пет години по независноста, Македонија мора да погледне подалеку од дневните политички спорови и да се посвети на зачувување на општото добро, порача архитектот, професор и автор на македонското знаме, Мирослав Грчев, во гостувањето во „Отворено студио“ на 4TV посветено на 8 Септември.

Грчев посочи дека иако изминатите три децении беа исполнети со искушенија, транзиции и крахови, државата денес повторно се наоѓа во меѓународна блокада.

Според него, премногу политичка енергија се троши на меѓународните спорови, додека во сенка остануваат клучните прашања за долгорочниот развој – од заштитата на водите, пошумувањето и климатските промени, па сè до функционирањето на јавните институции.

Тој истакна дека државата успеала да ги демонтира некогаш моќните системи за бесплатно и универзално здравство и образование.

Осврнувајќи се на државните инсигнии, Грчев истакна дека во Македонија постои неоправдан страв да се допрат и усовршат симболите, иако тоа е вообичаена пракса во светот.

Тој не предлага промена на основниот мотив на знамето, бидејќи сонцето и црвената боја носат историски континуитет, туку смета дека е потребна графичка и техничка доработка на врската меѓу сончевиот диск и зраците за знамето да добие почист, поелегантен и попрецизен изглед.

По три и пол децении од осамостојувањето, пораката на Грчев е дека вистинскиот предизвик за Македонија не е само визуелното дотерување на симболите, туку градењето на силна држава и институции што ќе стојат зад нив и ќе го штитат заедчкиот интерес на сите граѓани.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни