Борбен авион Ф-4 „Фантом“ на грчкото воздухопловство со две седишта се урна во Јонското Море за време на тренинг лет. Двајцата пилоти се водат како исчезнати, објави „Катимерини“.
Во соопштението на Генералштабот на грчките воздухопловни сили се наведува дека инцидентот се случил во 10:30 часот на 25 наутички милји (46 километри) јужно од воздухопловната база Андравида во северозападниот дел на Пелопонез.
Во тек е акција за потрага по пилотите. Во операцијата беа вклучени два хеликоптери АБ-205 на грчките воздухопловни сили, еден хеликоптер С-70 на морнарицата и неколку бродови на крајбрежната стража. Воен транспортен авион Ц-130 е во подготвеност.