Летните горештини во становите често пристигнуваат побрзо од очекуваното, особено кога сонцето директно удира во прозорците. Многумина тогаш се потпираат на венецијанер-ролетните како едноставно решение за заштита, но експертите предупредуваат дека тие можат да имаат сосема спротивен ефект ако не се користат правилно.
Клучот не е само во тоа да ги спуштите венецијанките, туку и во начинот на кој се поставени нивните летвички. Погрешниот агол може да придонесе просторијата да стане уште потопла, наместо да се заштити од сонцето.
Какo што објаснува Алекси Хеикила, раководител на службата за енергетско советување на град Хелсинки, важен детал што многумина го занемаруваат е ориентацијата на летвичките. Кај алуминиумските венецијанки, кои најчесто се благо закривени, токму таа закривеност игра клучна улога во контролата на топлината.
Во лето – испакнатиот дел се свртува нанадвор
Според експертите, испакнатиот (заоблениот) дел од летвичките во лето секогаш треба да биде свртен кон надвор. На тој начин, поголемиот дел од сончевото зрачење се рефлектира пред воопшто да влезе во просторијата, со што внатрешноста значително помалку се загрева.
Доколку закривеноста е свртена кон внатре, летвичките повеќе ја апсорбираат топлината и потоа ја испуштаат во просторот, што доведува до дополнително загревање. Оваа втора позиција е корисна, но во тек на зимата, кога сакате да ја задржите топлината.
Важна е и бојата, но и позицијата на ролетните
Многу венецијанер-ролетни имаат светла и темна страна. Правилото за лето е јасно – посветлата страна треба да биде свртена кон надвор бидејќи таа ја рефлектира сончевата светлина. Темните површини, од друга страна, ја апсорбираат топлината и ја пренесуваат во внатрешноста на собите.
Значајна улога игра и тоа дали ролетните се поставени од внатрешната или надворешната страна на прозорецот. Експертите истакнуваат дека надворешните ролетни се далеку поефикасни од внатрешните. Причината е едноставна – тие ги запираат сончевите зраци пред воопшто да стигнат до стаклото, додека внатрешните не можат да го спречат загревањето на самиот прозорец.