Металуршкиот инженер и аналитичар Виктор Грозданов, во последната колумна насловена „Професори со знаење“, пишува дека несомнено формирањето на новото Министерство за рударство, енергетика и минерални суровини дава надеж дека мандатарот Христијан Мицкоски има намера сериозно да го потпира идниот економски развој на државата на индустријализацијата.
-Што е фактичката состојба? Во моментов во ЕУ бакарот е дефицитарен обоен метал, чија цена на берзите вртоглаво расте, а Македонија го има во изобилие како рудно богатство кое може да предизвика економски бум. Индустријализацијата на источна Македонија ќе овозможи напредок во надворешната политика и трговија, ќе ја спречи демографијата и ќе го развива земјоделието, сточарството и овоштарството (лозарството пред се) на цела територија и во корист на сите граѓани на Македонија, пишува Грозданов.
Според него, искористување на знаењето на најквалитетните професори со најголемо знаење за заштита на животната средина, а во исто време соработка со активистите ама, како што додава, оние искрените, ќе овозможи развој на образовниот систем, што ќе ја намали домашната зависност од надворешни фактори со стратегија за наредни 25 години.
-Македонската економија не смее да биде жртва од оние за кои во соработка со експерти и големи познавачи на правосудниот систем ќе се докаже намерата за нанесување ненадоместлива енергетска и економска штета што рефлектира недоверба кон сите инвеститори пред се странски, кои само по себе се своевидни промотори за стабилност и сигурност за привлекување на нови странски инвестиции во една земја членка на НАТО. Примерите како рудникот Казандол, Хидроцентралите Луково Поле и Бошков Мост се лоша пракса, истакнува Грозданов.
Тој во колумната порачува сите општествено одговорни чинители да си го постават прашањето зошто новите генерации да бидат за секогаш зависни од увоз на струја, понатаму кој е мотивот на личностите кои се против капитални инвестиции на штета на Македонија и дали овие личности се припадници на центри на моќ кои не се согласуваат со нашето членство во НАТО алијансата и Европската Унија.