Македонија

Грозданова: Има обиди за избегнување на задолжителната вакцинација, поразително е во 21 век, со ефикасна вакцина, да има смртни случаи од морбили

Грозданова: Има обиди за избегнување на задолжителната вакцинација, поразително е во 21 век, со ефикасна вакцина, да има смртни случаи од морбили

И покрај законската обврска за комплетен вакцинален картон при запишување во образовните институции, и понатаму има родители кои се обидуваат да го заобиколат системот, вели проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Грозданова потврди дека има случаи на родители кои се обидуваат да приложат нецелосна или лажна документација за да ги запишат децата во градинка или училиште.

Таа потсети дека основното образование е задолжително, но задолжителна е и вакцинацијата, нагласувајќи дека заштитата од заразни болести е право на секое дете.

„Правото на детето да биде заштитено од инфективните заболувања кои што можат да го доведат во здравствена состојба со висок степен на компликации е право на секое дете да биде заштитено“, рече Грозданова.

Според неа, дел од родителите, под влијание на големиот број информации и различни ставови, се обидуваат да го избегнат системот. Како пример за последиците од намалениот опфат со вакцинација ги посочи епидемиите на морбили во 2018 и 2019 година.

Грозданова: Од морбили починаа четири деца

Во тие епидемии, според податоците што ги изнесе Грозданова, биле регистрирани 1.901 случај на морбили и четири смртни случаи.

„Говориме во 21 век, со ефикасна вакцина, да имате смртни случаи од вакцина-превентабилна болест, тоа е навистина поразително“, истакна таа.

Грозданова предупреди дека морбилите не се „обични сипаници“ и дека заболувањето може да предизвика сериозни компликации и последици кои можат да се манифестираат и подоцна.

Таа смета дека има позитивен тренд во однос на свеста кај родителите и дека сè повеќе се согледува значењето на системот за имунизација.

Младите сè повеќе се интересираат за вакцинацијата

Грозданова посочи и на зголемената свест кај помладите генерации, особено во однос на ХПВ вакцинацијата.

Според неа, има случаи во кои млади девојчиња и момчиња самостојно се интересираат и доаѓаат да ја примат ХПВ вакцината, иако нивните родители претходно не ги вакцинирале.

„Ме радува дека сепак овие нови генерации ќе знаат што значи здравствена заштита“, рече Грозданова, нагласувајќи го значењето на ХПВ вакцинацијата во превенцијата на заболувања поврзани со ХПВ.

Таа посочи дека ХПВ инфекцијата е поврзана со развој на одредени видови карциноми, поради што вакцинацијата има превентивна улога.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни