Тензии и судири со полицијата ги одбележаа протестите во албанската престолнина Тирана, каде што демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама, а студентите се спротивставуваат на обидите за политичко влијание врз нивниот протест.
Пред Министерството за образование, студентите формирале жив ѕид за да ги спречат приврзаниците на опозициската Демократска партија да се приклучат на собирот. Со транспарент „Рама во затвор, Бериша во затвор“, испратиле порака дека не сакаат мешање ниту од власта, ниту од опозицијата.
Ситуацијата дополнително ескалирала во близина на зградата на Владата, каде што дел од демонстрантите фрлале камења, пиротехнички средства и молотови коктели. Полицијата интервенирала со водени топови во обид да ја стави ситуацијата под контрола.
И покрај повиците на премиерот Рама за дијалог, студентите најавиле дека нема да се повлечат и дека протестите ќе продолжат секоја среда и сабота, сè додека не бидат исполнети нивните барања, меѓу кои и оставка на премиерот.