Хрватскиот министер за финансии Марко Приморац и потсекретарот на американскиот Стејт департмент за економски раст, енергија и животна средина Хозе В. Фернандез ја потпишаа Конвенцијата за избегнување двојно оданочување и спречување даночно затајување во Вашингтон, објави хрватското Министерство за финансии, пренесе БТА.
Потпишувањето на Конвенцијата е уште еден во низата позитивни чекори во односите меѓу Хрватска и САД, по одлуката за укинување на визите за хрватските граѓани, што ќе придонесе за зајакнување на билатералните врски и продлабочување на соработката меѓу двете земји. Документот ќе ја олесни трговската размена, ќе даде поттик за нови инвестиции и ќе ја промовира соработката во многу области, особено трансферот на знаење. Поважно за пензионерите и нивните семејства, се уредуваат одредбите за усогласување на американскиот и хрватскиот пензиски и даночен систем, се вели во соопштението на Министерството за финансии.
По потпишувањето на Конвенцијата, следуваат официјални чекори до нејзиното целосно стапување во сила, т.е. поднесување на предлог-закон за ратификација на Конвенцијата од страна на Владата на Република Хрватска и хрватскиот Сабор.